Извадок на дел од дневните настани 14.05.2017

На 14.05.2017 година во 03,20 часот во ПС-Центар, Д.К. (23) од Скопје пријавил дека на 13.05.2017 година околу 23,30 часот на бул.„Кочо Рацин“ во Градски блок пред влезот на зграда додека бил со неговите двајца другари од страна на три непознати лица извршено му е разбојништво на тој начин што откако лицата им пришле, едно од нив му побарал пари и откако им кажал дека нема пари, тогаш истите физички го нападнале удирајќи го во пределот на главата нанесувајќи му видливи повреди-црвенило на лицето, а од рака му го одзеле мобилниот телефон и се упатиле во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите како и целосно расчистување на случајот.

На  13.05.2017 година околу 16,45 часот во ПС-Кисела Вода, Г.Ж. (43) од Скопје пријавила дека на 12.05.2017 година околу 13,00 часот во дворот од куќата, ги затекнала лицата Б.П.(33) неговиот брат Т.П.(31) и А.Б.(31) со образложение дека лицето Б.А. со кого истата била во љубовна врска, им должел 1000 евра, по што насилно ја внеле во возило со скопски регистерски таблици и ја однеле во хостел во Скопје каде ја заклучиле во една од собите и ја прашувале каде е Б.А. Во собата противправно ја држеле до 24,00 часот, а потоа лицето ја вратиле дома. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 13.05.2017 година околу 13,25 часот во Битола на ул.„Васко Карангелевски“ додека УПС од ПС за БПС-Битола, извршувала службени дејствија по ЗБСП, односно го запрела лицето Ј.И. (23) од Битола кој управувал ПМВ„Голф 5“ со битолски регистерски таблици кој не поседувал важечка возачка дозвола и во еден момент почнал да и упатува сериозни закани по нејзиниот живот. Лицето е приведено и по целосното расчистување и документирање на случајот против истиот ќе биде поднесен поднесок.

На 13.05.2017 година околу 15,00 часот во с.Врбјани-гостиварско, во куќата сопственост на А.И. (34) од засега непознати причини избувнал пожар во дневната соба каде се наоѓало петгодишно девојче. Од страна на А.И. девојчето било извадено од собата и било пренесено во МЦ-Гостивар, но поради  сериозните повреди-изгореници било префрлено во УЦ-Скопје. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ПС-Гостивар.

На 13.05.2017 околу 03,40 часот во ЕИК-Скопје, М.Н. пријавил дека на бул.„Јане Сандански“на паркингот имало неколку лица кои стоеле и разговарале, во еден момент со трчање им се приближило едно непознато лице кое од засега непознати причини со нож го повредило неговиот другар М.Д. (36) од Скопје во пределот на бутот на двете нозе. М.Д. бил пренесен во УЦ-Скопје со возило на ИМП, каде што му се констатирани тешки телесни повреди (пресечена артерија, длабоки убодни рани и пукнатина на бутна коска). СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување на случајот.

На 13.05.2017 година во 16,10 часот во ПС-Гостивар, од МЦ-Гостивар, пријавено било дека кај нив било донесено тригодишно девојче од Гостивар  со повреди на главата и телото, кои ги здобила при пад од поткровјето на куќата, односно додека си играла го отворила прозорот и паднала на бетонските плочки во дворот. Поради сериозноста на повредите девојчето било префрлено во УЦ-Скопје. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од ПС-Гостивар.

На 13.05.2017 година околу 18,00 часот во атар на с.Ижиште-Македонски Брод, М.М. (66) од Кичево додека косел во дворот од сопствената куќа, оштетил метален предмет кој претходно не го забележал. Од ударот предметот почнал да дими формирајќи бел чад, од што истиот почувствувал солзење во пределот на очите, носот и болка во градите. По случката, М.М. се упатил во една од подрумските простории на куќата каде на влезната врата пронашол експлозивна направа поставена на внатрешната страна од влезната врата. Од извршениот разговор со М.М. истиот појаснил дека последен пат во куќата бил на крајот од минатиот месец и тогаш немало ништо во куќата. Увид на местото на настанот извршиле ЈО, увидна екипа од ПС-Македонски Брод и екипа од Одделот за антитерористичка заштита, при што е подигнат предметен материјал и даден за вештачење. Се работи на целосно расчистување на случајот.

На 12.05.2017 година во ПС-Кавадарци, Н.В. (45) пријавил дека на 12.05.2017 година од домот во непознат правец се оддалечил неговиот син А.В. (19). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 13.05.2017 година во ПС-Велес, З.Ќ. (46) пријавил дека на 12.05.2017 година  од домот во непознат правец се оддалечила неговата 16 годишна ќерка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 12.05.2017 година во ПС-Чаир, Х.Ј. (43) пријавил дека на 12.05.2017 година од домот во непознат правец се оддалечила неговата 17 годишна внука. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 13.05.2017 година во ПС-Свети Николе, П.С. (69) пријавил дека истиот ден од домот во непознат правец се оддалечила неговата ќерка Б.Ј. (42). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 13.05.2017 година во ПС-Тетово, Е.Ќ. (55) од с.Сараќино, пријавил дека поради недоразбирање околу извршување градежни работи од страна на неговиот сосед  П.П. (32) од ловечка пушка биле испукани два патрони во воздух. Истиот ден од страна на УПС по судска наредба за претрес извршен бил претрес во домот и помошните простории во куќата на П.П. при што биле пронајдени четири испукани патрони од ловечка пушка калибар 12мм, три неиспукани куршуми за пиштол калибар 9мм, околу 300 сачми за ловечка пушка, ловечка пушка која не ја поседувал со одобрение, 11 неиспукани патрони калибар 12мм и еден празен кожен ременик. Со потврда за привремено одземени предмети, погоренаведените предмети се одземени од П.П. и истиот бил приведен и по целосното расчистување и документирање на случајот против истиот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 13.05.2017 година околу 19,10 часот на автопатот Скопје-Велес на паркинг просторот кај м.в.„Ветерско“, Е.К. (30) од Пехчево, се паркирал со возило, излегол од истото и скокнал во провалија, во присуство на неговата вереница и нејзиниот вујко. Од страна на екипа од ЕСЗ„Тигар“ извршено било пребарување на теренот, но не бил пронајден до 24,00 часот, по што потрагата била прекината. На 14.05.2017 година околу 04,00 часот во ПС-Велес од ЈЗУ-Велес Интерно одделение, пријавено било дека кај нив лекарска помош побарало лицето Е.К., кој бил донесен од негов роднина. Се работи на целосно расчистување на настанот.

На 13.05.2017 година во 15,50 часот на регионалниот пат Тетово-с.Пирок-с.Синичане, се случила сообраќајна незгода помеѓу ТМВ„Мерцедес“ со скопски регистерски таблици, а управувано од В.М. (25) од с.Синичане, моторцикл „Гилера“ без регистерски таблици, управуван од Џ.Ф. (18) од с.М.Речица и паркирано ПМВ-Комбе управувано од засега непознато лице, кое по незгодата го напуштило местото на настанот. Во незгодата сопатникот на моторциклот Ј.С. (18) од Тетово, се здобил со тешки телесни повреди кој по укажаната лекарска помош во КБ-Тетово како итен случај бил препратен во УЦ-Скопје. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Тетово. Се работи на расчистување на случајот.

На 13.05.2017 година околу 16,00 часот во Куманово на бул.„Октомвриска Револуција“ се случила сообраќајна незгода помеѓу моторцикл „Фелинг“ без регистерски ознаки, управуван од И.В. (19) од Куманово, ПМВ„Мерцедес“ со кумановски регистерски таблици управувано од М.П. (28) од Куманово и пешак Љ.Д. (33) од Куманово. Во незгодата пешкот Љ.Д. и возачот на моторциклот И.В. се здобиле со тешки телесни повреди кои по укажаната лекарска помош во болница Куманово, двајцата како итни случаи се префрлени во УЦ-Скопје. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Куманово.  Се работи на расчистување на случајот.

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „телесна повреда при вршење семејно насилство“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против А.А. (38)  од струшкото село Франгово. На 19-ти минатиот месец, во 14,30 часот, во семејниот дом во селото Франгово, се случила семејна расправија помеѓу сега пријавениот и неговата сопруга. Во еден момент од жестоката вербална караница, А.А. физички ја нападнал сопругата удирајќи ја по целото тело со нозе и со тупаници. Со цел да го избегне физичкиот напад, кој се случил во присуство на роднините на пријавениот, оштетената избегала надвор од домот но, во дворот била стигната од сопругот и повторно нападната. Натамошниот тек од  физичкиот напад бил спречен од соседите кои и помогнале на оштетената и ја засолнале во нивниот дом. Набрзо тука пристигнал нејзиниот татко кој ја пренел во Општата болница во Струга.