Извадок на дел од дневните настани 12.05.2017

 

На 11.05.2017 година во 21.20 часот во Скопје, во спортска обложувалница на ул.„Тале Христов“ непознат маскиран сторител извршил разбојништво. Сторителот со закана со пиштол од вработените одзел неутврдена сума пари, по што побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 

На 11.05.2017 година во 10.00 часот во Велес на ул. „Гоце Делчев“, од дворното место од семејната куќа на З.Т. (48) се слушнале неколку истрели од огнено оружје. Од страна на полициски службеници од СВР Велес било излезено на местото на настанот. Таму бил затекнат З.Т. кој со себе имал ловечка пушка калибар 16мм и редник со куршуми околу телото. Во дворот од куќата биле пронајдени и подигнати осум чаури за вештачење. З.Т. е лишен од слобода, а оружјето и муницијата, со потврда за привремено одземени предмети, биле одземени. Нема повредени лица .Увид на местото ан настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Велес.

 

На 11.05.2017 година во 16.00 часот во Куманово на ул. „Моша Пијаде“, Д.П. (23) од Куманово без повод и причина физички бил нападнат од страна на лицата М.Т. (25) и М.П. (35), двајцата од Куманово. Притоа, М.Т. со нож му нанел на Д.П. расекотина на главата над левото уво. Д.П. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Општа болница Куманово, од каде по укажаната лекарска помош истиот бил пуштен на домашно лекување. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Куманово.

 

На 11.05.2017 година околу 18.30 часот во Тетово во Спортски центар , додека П.Н. (26) од с.Теарце, тетовско, се забавувал на еден од електронските апарати за удирање со тупаници, му пришло непознато женско лице и го замолило да удри еднаш. П.Н. се тргнал од апаратот и и дозволил да удри, по што истата телефонски го повикала нејзиниот брат. Во тој момент дошле две непознати машки лица, кои без повод и причина сакале физички да го нападнат. Едното од нив покажало и нож. П.Н. се исплашил и почнал да бега, но пред Културен дом Тетово лицата го стигнале и физички го нападнале удирајќи го со тупаници и клоци во пределот на главата и телото. Од ударите П.Н. паднал на асфалтот  по што едно од лицата со рачката од ножот му задал еден удар.  На П.Н.  му била укажана лекарска помош во Медицински центар Тетово. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 

На 11.05.2017 година во 07.57 часот во ЕИК Скопје, С.У. пријавил дека во точно неутврдено време на 10/11.05.2017 година, на ул. „Димитрие Чуповски“ во Скопје, во дворното место каде биле лоцирани канцелариите на „Титови леви сили“, непознат сторител насилно ја турнал бистата на „Јосип Броз Тито“, при што ја оштетил. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 

На 11.05.2017 година околу 19.30 часот на бул. „Борис Трајковски“ во Скопје, поточно во сервис за возила дошол Р.Д. (51) од Скопје. Во тој момент пристигнал и С.Т. (47), кој во сервисот претходно оставил возило на поправка, кое Р.Д. му го продал.  С.Т.  во сервисот пристигнал со двата сина и сопругата. Истите излегле од возилото, се ракувале и без никаков повод С.Т. извадил пиштол, го репетирал, по што и неговите синови извадиле пиштоли, а С.Т. му упатил заканувачки зборови на Р.Д. Сето тоа го гледал сопственикот на сервисот , кој истрчал да ја смири ситуацијата, при што Р.Д. ја искористил ситуацијата, влегол во неговото возило и со голема брзина избегал. С.Т. и неговите синови влегле во нивното возило и почнале да го бркаат, по што Р.Д. направил и сообраќајна незгода.  Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 

На 09.05.2017 година од 17.05 до 21.00 часот во Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп, Кавадарци, Битола, Струмица, Велес и Штип во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.

 

На 11.05.2017 година во периодот од 23.10 до 23.55 часот, врз основа на писмена наредба од Основен Суд Тетово од 11.05.2017 година, од страна на полициски службеници од  ПО Камењане бил извршен претрес во угостителски објект во с.Боговиње, тетовско, сопственост на Н.Ш. (33) од с.Боговиње. При претресот, во објектот бил затекнат сопственикот, кој бил приведен. Во објектот биле пронајдени и приведени и три странски држајванки и тоа: Е.К. (23) од Р.Србија, Џ.Х. (29) од Р.Косово и Џ.Ш. (26) од Р.Косово, како и девет македонски државјанки. Наведените лица се приведени и предадени во ПС Тетово поради сомнение за трговија со луѓе и злоупотреба на туристички престој. Државјанките на Република Македонија, по извршените разговори, се пуштени, а странските државјанки ќе бидат предадени во Отсек за страници и реадмисија при СВР Тетово за понатамошна работа. Се преземаат мерки за целосно рачистување на случајот.

 

На 11.05.2017 година во 14.35 часот на ГП „Табановце“, при пасошка контрола било констатирано дека лицето Г.И. (42) од с.Новаќе-општина Боговиње, евидира на СТОП-Листа поради издржување казна затвор во траење од три месеци и 10 дена за сторено кривично дело „кражба“ по член 235 став 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија. Истиот бил лишен од слобода и во 16.30 часот бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

 

На 11.05.2017 година во 20.00 часот на ГП „Ќафасан“ од слобода бил лишен Б.К. (24) од Р.Албанија бидејќи се бара за издржување казна затвор. На 12.05.2017 година лицето ќе биде спроведено до Затвор Идризово - Скопје.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против В.К.  (22) и Р.Р. (20), двајцата од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешка кражба“. На 20.11.2016 година во периодот од 00.00 до 08.30 часот, на ул.Васа Пелагиќ“ во Битола, во куќата на Р.П. (38) пријавените со употреба на физичка сила влегле внатре и од спалната соба од женска чанта одзеле 4.680 евра, лични документи, поголема количина на златен накит, а од друга соба одзеле две хилти, бормашина и една чанта со различен алат. На тој начин пријавените предизвикале материјална штета од околу 450.000 денари.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против двајца 15-годишни и еден 16-годишен малолетник, сите од Битола,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “насилство“.  На 16.03.2017 година околу 17.00 часот, во СОУ Таки Даскалот“ во Битола, додека еден 15-годишник бил на час, кон крајот на часот во училницата влегле пријавените и започнале расправија со истиот.  Професорката се обидела да ги извади од училницата, но пријавените успеале да се оттргнат од професорката, скокнале преку клупите и со тупаници го удирале во пределот на главата и стомакот. На тој начин на оштетениот му нанеле телесни повреди констатирани во Клиничка Болница Битола.

 

СВР Струмица поднесе кривична пријава против Правното лице ДПТУ „Клами Промет“ ДООЕЛ Ново Село и против В.М. (40) од Ново Село, сопственик и управител на наведеното правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување и уништување на деловни книги“.  Во периодот од 01.01.2013 година до 31.12.2015 година пријавените во книговодствената евиденција дале лажни податоци за своите приходи заради неточно утврдување на износот на нивните обврски, не пријавиле приходи, не евидентирале фактури во сметководствената евиденција добиени од правните лица–дистрибутери на цигари. На овој начин пријавените одбегнале да платат персонален данок и данок на добивка за 2013, 2014 и 2015 година.

 

СВР Битола поднесе кривична пријава против лицето А.Н. (26) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „телесна повреда“. На 17.04.2017 година околу 01.00 часот, додека со неговата сопруга се движел со возилото накај нивниот дом, пријавениот почнал со тупаници да ја удира неговата сопруга. Причина за нападот било тоа што колега на неговата сопруга по грешка и се јавил додека биле излезени.