Извадок на дел од дневни настани 11.05.2017

На 10.05.2017 година околу 08.45 часот во Штип, додека М.М. (69) од Штип се движела по ул.„Панче Караѓозов“, непознат сторител извршил разбојништво врз неа. Сторителот и се доближил одзади, ја удрил во пределот на грбот, и откако паднала и ја одзел чантата во која имала лични документи, клучеви од куќа, кредитни картички, телефон и 500 денари. СВР Штип презема мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 11.05.2017 година околу  04.30 часот  на бензиска пумпа во с.Проевце, кумановско, четири непознати маскирани лица извршиле разбојништво над двајцата вработени. Сторителите со закана со пиштол им ги одзеле торбите со парите од дневниот промет, со засега неутврдена сума пари, а потоа ги затвориле во тоалетот. На излегување од објектот одзеле и неколку штеки цигари, по што со ПМВ непозната марка побегнале во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.  

На 10.05.2017 година околу 10.00 часот во Скопје, во подземните гаражи кај очната клиника „Санте плус“, целосно изгорело ПМВ “Југо“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на  С.В. (37) од Скопје. Возилото се запалило при обидот сопственикот да го стартува со туркање во подземните гаражи. Пожарот е изгаснат од страна на екипа на Бригадата за противпожарна заштита. С.В. заедно со сопругата се јавиле на лекарски преглед во Клиника за токсикологија, бидејќи при обидот да го изгаснат пожарот вдишиле поголема количина чад. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.

На 09.05.2017 година од 17.20 до 20.30 часот во Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп, Кавадарци, Битола, Струмица, Велес и Штип во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.                                               

На 10.05.2017 година во периодот од 11.20-15.45 часот на магистралниот пат Струмица-Радовиш, во близина на с.Василево, сообраќајот бил пренасочен поради случена сообраќајна незгода. Во незгодата, која се случила на 10.05.2017 година во 11.00 часот на наведениот патен правец, учествувале ПМВ ,,Мерцедес МЛ 350‘‘ со струмички регистарски ознаки, управувано од С.К. (64), ПМВ ,,Рено Меган Ксеник‘‘ со штипски регистарски ознаки, управувано од Т.В. (62) и ПМВ ,,Мерцедес Б 180‘‘ со струмички регистарски ознаки управувано од Л.Љ. (35). Во сообраќајната несреќа со телесни повреди се здобиле возачот на ПМВ ,,Рено Меган Ксеник‘‘ Т.В.(62) и неговиот сопатник Б.Т., кои по укажаната лекарска помош во медицинскиот центар Струмица се пуштени на домашно лекување. По овластување на јавен обвинител увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Струмица.  

Во врска со настаните што се случија на 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија, на 10.05.2017 година од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство-Скопје доставено е Известување за А.Ј. (57) и А.К., двајцата од Скопје, како лица кои, исто така, преземале дејствија кои имаат елементи на сторено кривично дело. Притоа, А.Ј. беше повикан на разговор на 04.05.2017 година по што истиот беше ослободен, а А.К. се уште не е обезбеден. Воедно, во врска со настаните, повикани се лицата Н.В. (39), В.К. (53) и К.Д. (25), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. По извршените разговори истите се ослободени. Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности во врска со настаните случени на 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија и обезбедување на преостанатите кривично пријавени лица, идентификација и документирање и на други лица учесници во настаните, а се работи и на повикување на лица на службени разговори кои досега се идентификувани како лица кои биле присутни или учесници во настаните во Собранието на Република Македонија на критичниот ден.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Г.Т. (35) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „измама“. Во периодот од почетокот на декември 2016 година до средината на јануари 2017 година, пријавениот во два наврати ја довел во заблуда Р.К. од Битола да земе кредит на нејзино име со цел пријавениот да купи мобилен телефон кој ќе го исплаќа, на што истата се согласила. По ова, од продавница во Битола, пријавениот зел телефон во вредност од 60.000 денари и откако оштетената ги потпишала документите истите ги зел пријавениот. Во средината на јануари, пријавениот повторно ја довел во заблуда пријавителката дека ќе купуваат телефон за неа од друга продавница. Повторно земале мобилен телефон во износ од 60.000 денари. Договорот кој го потпишала оштетената и мобилниот телефон ги зел пријавениот, а на оштетената и дал мобилен телефон “Сони Ериксон“ постар модел. Пријавениот до поднесувањето на пријавата немал платено ниту една рата за двата телефони, со што ја оштетил Р.К. за износ од 120.000 денари.

СВР Битола поднесе кривична пријава против У.А. (31) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено  кривично дело „измама“. На крајот од ноември 2016 година пријавениот, од лице од Битола изнајмил на користење ПМВ марка „Шкода Октавија“,  при што дневно требало да му плаќа по 900 денари. Договорот бил пријавениот да го има возилото 10-11 денови, со тоа што првично платил 2000 денари, а остатокот од парите да му ги исплати за неколку денови. Пријавениот, и во текот на 2016 и во текот на 2017 година, не го вратил возилото. На крајот на февруари пријавениот, на автопазар во Битола, го продал наведеното возило на лице од Битола, со што на оштетениот му предизвикал материјална штета од 150.000 денари.

СВР Битола поднесе кривична пријава против В.Т. (31) од Битола и против С.А. (45) од Скопје, со престојувалиште во Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 14.09.2017 година, околу 14,20 часот, пријавениот В.Т. неовластено употребил платежна картичка сопственост на Ј.Ј. (35) од Битола. Пријавениот, притоа, го употребил ПИН кодот на оштетената и од банкомат извадил 3.000 денари.  На 12.02.2017 година пријавената С.А. неовластено ја употребила платежната картичка сопственост на Ц.А. (66) од Битола и без негово знаење и одобрение во четири наврати, употребувајќи го ПИН кодот од картичката, на различни банкомати во Битола подигнала парични средства во износ од 200.780 денари. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.И. (22) од Тетово поради постоење основи на сомнение за  сторено  кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пријавениот, откако ја прекинал љубовната врска со М.М. (21) од Тетово, креирал два лажни Фејбук профили и еден профил на Инстаграм на нејзино име, на кои прикажувал фотографии на оштетената и разни коментари, а со намера да и наштети на нејзината чест и углед. 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.М. (31) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување употреба на наркотични дроги”. На 23.07.2016 пријавениот на негов пријател П.Н. од Скопје му овозможил користење на својот патнички автомобил „Опел Астра“ заради оддавање на опојна дрога, односно психотропна супстанца амфетамин. Настанот се случил на паркинг пред дискотека кога П.Н., по претходен договор со А.М., влегол во неговиот автомобил и конзумирал психотропна супстанца- амфетамин.