Извадок од дневните настани 10.05.2017

На 09.05.2017 година во 22.28 часот во ЕИК Скопје било пријавено дека во аптека во Трговскиот центар Буњаковец непознат сторител извршил разбојништво. Сторителот со закана со нож над вработената одзел околу 1.500 денари, апчиња и службен мобилен телефон, по што го напуштил местото на настанот. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 
На 09.05.2017 година во 13.40 часот во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, обезбедувањето од агенција за обезбедување физички било нападнато од повеќе лица кои биле со две ПМВ од кои едното ПМВ „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, по што избегале. По кратко време, од страна на полициски службеници, возилото „БМВ“ било запрено на подрачјето на ПС Бит Пазар, при што приведен е М.Р. (27) од с.Батинци, скопско, додека другите две лица со непознато ПМВ избегале. Во ГОБ „8-ми Септември“ лекарска помош побарале лицата А.Л. (30), Е.К. (27), С.А. и А.Л., сите вработени во агенција за обезбедување . Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 
На 09.05.2017 година во 21.05 часот во ЕИК Скопје, Д.К. од Скопје пријавил дека на ул. „Елисие Поповски“ лицето Ј.М.С. (53) имала повреди нанесени со нож во пределот на рацете (исечени вени) и убодна рана на вратот. Од екипа на Итна медицинска помош констатирана е смрт. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 
На 09.05.2017 година во 22.45 часот во ПС Кичево, доктор од Медицински центар Кичево пријавил дека во с.Кленоец, кичевско, во куќата на З.Т., било починато неговото едногодишно бебе. Телото било пронајдено легнато на кревет, голо од половина нагоре со видливи повреди на долниот дел од грбот и со траги на крв од устата и ушите. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

 
На 09.05.2017 година од 17.30 до 21.00 часот во Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп, Кавадарци, Битола, Струмица, Велес и Штип во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.     

 
На 09.05.2017 година во 16.45 часот на регионалниот пат Скопје-Тетово, пред влезот за с.Добарце, се случила сообраќајна незгода во која М.С. (74) од Тетово, управувајќи ПМВ „Цитроен Ц3“ со тетовски регистарски ознаки, поради неприлагодена брзина кон условите и состојбата на патот, изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Во незгодата, сопатникот М.Т. (68) од Тетово, од здобиените повреди починал на местото на незгодата. Возачот М.С. се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош во Клинички центар Тетово, како итен случај е префрлен во Ургентен центар Скопје. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово.

               
На 09.05.2017 година во 22.10 часот на ГП „Богородица“, при пасошка контрола, било констатирано дека лицето Б.А. (23) од с.Оризари, кумановско, евидира со мерка „приведи“ за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот“. Истиот, од страна на полициски службеници е лишен од слобода и во 23.00 часот, со потврда за предавање на лице, е предаден на полициски службеници од ПС Гевгелија за спроведување до Казнено поправната установа - Затвор Куманово.

 
На 09.05.2017 година во 18.30 часот на ГП „Деве Баир“ на излез од Република Македонија се пријавиле К.А.П. (29) и Х.Ф.Ф. (35), двајцата од Република Бугарија. Притоа, од страна на полициските службеници утврдено било дека истите го пречекориле престојот во Република Македонија, односно престојувале повеќе од 90 дена, согласно чл.100 ст.1 ал.6 од Законот за странци. Лицата се приведени и во 20.10 часот, со потврда за предавање на лица, се предадени на полициски службеници од ПС Крива Паланка за понатаношна постапка.

 
ПС ОН Прилеп поднесе кривична пријава против И.Т. (38) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 19.04.2017 година, околу 03.15 часот, пред ноќен клуб во Прилеп, пријавениот нападнал двајца полициски службеници кои биле на службена должност во својство на група за интервенција. Во моментот кога пријавениот физички сакал да нападне девојка, која била пејачка во клубот, едниот полициски службеник му наредил на пријавениот да престане, но истиот во алкохолизирана состојба го фатил за облеката и се обидел да замавне, но бил спречен во намерата, по што повторно го турнал наназад од што полицискиот службеник паднал и се повредил во пределот на десната потколеница и лицето. Во моментот кога другиот полициски службеник се обидувал да му ја врзе десната рака, пријавениот замавнал со нога и го удрил во задниот дел од главата.

 
СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.А. (34) во Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. На 12.10.2016 година во Охрид бил извршен претрес на дом и помошни простории кои ги користи пријавениот и притоа биле пронајдени и одземени 3,85 грама марихуана.

 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.С.Г. (33) од село Мала Речица, вработена во АД „Македонски Телеком“ Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, „посебни случаи на фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. На 10.11.2016 година на домашна адреса на В.Б. (28) од Тетово пристигнале опомени од Македонски Телеком-АД Скопје за неплатени фактури, односно користени услуги за мобилни телефони, за кои истиот немал направено никакви договори со наведениот правен субјект. Кога пристигнал во салонот од страна на вработените му било кажано дека В.Б. на 25.07.2016 година со Македонски Телеком има склучено два одделни договори за засновање на претплатнички односи за користење на јавна комуникациска мрежа и електронски услуги и се издадени две сим картички со телефонски броеви. По преземени мерки и извршено графолошко вештачење е утврдено дека пријавената, користејќи ги личните податоци на В.Б., ги изготвила и потпишала горенаведените претплатнички договори.

 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Ч. (46) во Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „приредување на игри на среќа без лиценца,односно без дозвола од надлежен орган”, согласно Законот за игри на среќа и забавни игри. На 18.02.2017 година полициски службеници, во содејство со инспекциска служба од Управа за Јавни приходи, извршиле контрола во спортска обложувалница без фирма во Тетово, каде бил затекнат пријавениот и истиот се претставил како вработен. При контролата било констатирано дека пријавениот не поседувал соодветна документација и дека во текот на февруари 2017 година организирал игри на среќа без да поседува лиценца, односно дозвола од надлежен орган за вршење таков вид на дејност и истиот постапил спротивно на Законот за игри на среќа. Од страна на Управата за јавни приходи донесено е решение за забрана на приредување игри на среќа во деловната просторија која ја користел пријавениот во времетраење од 30 дена.