Извадок на дел од дневните настани 05.05.2017

 На 05.05.2017 година во 04.40 часот во ПО Петровец,  дежурниот од СВР Куманово телефонски пријавил дека во с.Дељадровце, на бензинската пумпа три непознати лица извршиле разбојништво. Сторителите со закана со пиштол од вработениот ја одзеле чантата со дневен промет, поголема количина на цигари и компјутер. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

 
На 04.05.2017 година, во периодот од 07.30 до 18.30 часот во Битола, на ул. „Прилепска“, во станот сопственост на Д.Л.  непознат сторител  извршил тешка кражба. Сторителот со подесен клуч ја отклучил влезната врата, влегол внатре, извршил пребарување  и од  спалната соба одзел еден пиштол марка „Црвена Застава“ калибар 7,65 мм, муниција 5x25 пакетчиња калибар 7,65 мм, 2x25 пакетчиња калибар 8,57мм и непозната количина муниција за малокалибарска пушка, 1 200 евра, 1400 австралиски долари,  паричник во кој имало 300 австралиски долари и 8 000 денари, и поголема количина златен накит. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

 
На 05.05.2017 година  во 00.18 часот во ЕИК, граѓанин телефонски пријавил дека на ул. „Јуриј Гагарин“ има опожарено ПМВ „Ауди“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на И.С. (43) од Скопје. Возилото било опожарено целосно од воланот до задниот дел. Увид ке се врши во текот на 05.05.2017 година.

 
На 05.05.2017 година околу 00.50 часот во Битола  на ул. „Питу Гули“ опожарено било ПМВ „БМВ“ сопственост на Б.Р., кој е починат. Пожарот го забележал граѓамин,  кој додека седел дома најпрво слушнал пукање , а по кратко време и тап удар по што забележал дека наведеното возило е во пламен. Потоа, пожарот го пријавил во Територијалната противпожарна единица Битола. Во пожарот оштетени се хаубата, покривот, двете предни врати, сите стакла и целата внатрешност на возилото. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.

 
На 04.05.2017 година од 17.30 до 21.00 часот во Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Битола, Струмица, Велес и Штип во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.

 
На 04.05.2017 година во 17.20 часот на регионалниот пат Скопје-ХЕЦ „Козјак“ во с.Батинци се случила сообраќајна незгода помеѓу ТМВ „Дајмлер Бенз“ со скопски таблици, управувано од Н.Е.(34) од с.Средно Коњаре, скопско, и ПМВ „Фолксваген Транспортер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Л. (40) од с.Батинци, скопско.  По незгодата А.Л. со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар Скопје, каде му биле констатирани тешки телесни повреди и се наоѓа во животна опаснот. Истиот е задржан на понатамошно лекување на КАРИЛ. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Скопје. 

 
На 04.05.2017 година во Тетово на ул. „146“ се случила сообраќајна незгода ПМВ „Сузуки Свифт“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Ф.Џ. (29) од Тетово и Скутер „Јијинг“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Б.И. (44) од Тетово.  Во незгодата Б.И се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Клиничка болница Тетово каде му била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Тетово.

 
Во врска со настанот опишан во билтен од 03.05.2017 година, случен на 02.05.2017 година во с.Ропаљце, општина Липково, кога при семејна расправија Л.О.(19) и неговиот 17-годишен брат нанеле убодни рани на двајца нивни братучеди. СВР Куманово, по расчистување на случајот, поднесе кривична пријава против браќата поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  ,,убиство во обид”.

 
СВР Тетово поднесе кривична пријава против П.М. (27) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 16.02.2017 година полициски службеници извршиле претрес во дом и помошни простории кај пријавениот каде се пронајдени и одземени дробилка, отпушок од рачно направена цигара со 0,13 грама наркотична дрога „марихуана“.

 
ПС ОН Неготино поднесе кривична пријава против В.К. (48) од Кавадарци, управител во АД „ВВ Повардарие“ Неготино, во фирмата „Анго Вест“ и на фирмата „Агро Солар“ Дооел с.Рибарци, општина Росоман, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во периодот од 12.12.2016 година до 25.04.2017 година пријавениот неоправдано издал 170 фактури на правни и физички лица, продавал вино во шише, наливно вино, винарски дестилат и гроздов концентрат, при што причинил материјална штета од 38.234.1219 денари, а во корист на правното лице „Анго Вест“, Кам-ДООЕЛ, „Алеко-Комерц“, „Алеко-Компани“, „Агро-Лозар“ и други. Исто така, злоупотребувајќи ја службената положба, не го почитувал Решението од 07.03.2017 година на Судија од претходна постапка за забрана на износ на вино од АД „ВВ Повардарие“ и Решение  на Стечаен судија од 12.12.2016 година со кое се става општа забрана на имотот на АД „ВВ Повардарие“, пријавениот ја намалил вредноста на имотот на „ВВ Повардарие“ за сума од 38.234.129 денари и продолжил да изнесува вино и концентрати од „ВВ Повардарие“.

 
НК за КР Делчево поднесе кривична пријава против С.М. (42) с.Град, делчевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност”. На 16.03.2017 година после 23.00 часот, пријавениот фрлил опушок од цигара во сено, сместено во дворот на Б.Т. (39) од истото село, под настрешница  до која имало плевна и со запалка на неколку места го запалил сеното, со што  предизвикал пожар од кој  во целост изгорела плевната и добиточната храна.