Извадок на дел од дневните настани 04.05.2017

На 03.05.2017 година во 13.45 часот во Скопје на бул. „Александар Македонски“ двајца непознати сторители извршиле разбојништво над Ш.И. (38) од с.Копаница. Сторителите дошле на наведеното место и откако Ш.И. го паркирал неговото возило и откако излегол од истото, во еден момент едно од лицата го стегнало со рака околу вратот и почнало да му ги кине ланчињата кои ги носел на вратот. Во тој момент пријавителот го гризнал сторителот за раката, по што другото лице со тврд предмет го удрил во пределот на главата, нанесувајќи му расекотина. Ш.С. почнал да вика и сторителите избегале во непознат  правец, одземајќи го ланчето. Од ударот Ш.С. се онесвестил. Истиот со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар Скопје каде му била укажана лекарска помош. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

На 03.05.2017 година околу 19.00 часот во с.Василево, струмичко, во дворот од куќата на Д.Ц.(41), по претходна расправија, дошле браќата Ѕ.А. (36) и М.А. (32), двајцата од истото село, по што Ѕ.А. со лопата го удрил Д.Ц.  во пределот на телото, а потоа со мотика, односно со сечивото, го удрил во пределот на главата, нанесувајќи му повреди. Д.Ц. со ПМВ бил пренесен во Медицински центар Струмица од каде, по укажаната лекарска помош, поради сериозноста на повредите бил пренесен во Ургентен центар Скопје. Истиот се наоѓа во животна опасност. Сторителот и неговиот брат се лишени од слобода и приведени во СВР Струмица. Предметите со кои е извршено делото се обезбедени. Во присуство на Јавен обвинител увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Струмица.

На 03.05.2017 година околу 21.40 часот во Скопје на ул. „Лука Геров 1“, во куќата на Д.Ѓ.(40), како гости биле М.Н. и Б.Н. од Скопје. Во еден момент Д.Ѓ. ја напуштил собата, по што М.Н. го зел неговиот пиштол (кој бил оставен на видно место), испукал еден куршум во правец на неговата сопруга Б.Н.  и ја ранил во пределот на левата нога. Истата со возило на Итна медицинска помош била пренесена во Ургентен центар Скопје, за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

На 04.05.2017 година околу 00.40 часот во с.Бојане, скопско, додека Н.З. (33) од с.Бојане се движел кон својот дом со ПМВ „Форд Ка“ со скопски регистарски ознаки, во него било пукано од страна на непознато  машко лице од ПМВ „Ауди“. Од пукањето било скршено стакло од возилото „Форд Ка“. После настанот  Н.З. отишол дома. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на настанот.

На 02.05.2017 година од 16.55 до 20.30 часот во Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Битола, Струмица, Велес и Штип во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.

На 03.05.2017 година околу 14.30 часот на локалниот пат с.Вишни-с.Радолишта, струшко, се случила сообраќајна незгода во која ПМВ „Шкода“ со охридски регистарски ознаки, управувано од И.Т. (34) од Струга, поради неприлагодена брзина на движење спрема условите и состојбата на патот, изгубил контрола над возилото, преминал на левата страна и излетал надвор од коловозот, во провалија. Во незгодата И.Т. се здобил со тешки телесни повреди. Истиот, со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во болницата за коскени заболувања Св.„Еразмо“ во Охрид, каде е задржан на лекување. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС Струга.

На 03.05.2017 година во 13.15 часот на ГП Аеродром „Александар Велики“-Скопје, поради постоењ основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на патна исправа“, приведен е К.Д.Р.(28) од Италија. Наведеното лице приложило италијанска лична карта и бординг карта на релација Скопје-Базел, а полицискиот службеник се посомневал во исправноста на личната карта. По дополнителниот преглед над лицето и неговиот багаж, биле пронајдени една италијанска здравствена картичка и една албанска возачка дозвола на име Е.Б. (32), за кои полицискиот службеник, исто така, се посомневал во нивната исправност.  Лицето било лишено од слобода и во 16.00 часот било предадено на инспектори од Регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка.

На 03.05.2017 година во 17.00 часот на ГП Аеродром „Александар  Велики“-Скопје, при пасошка контрола и дополнителни проверки, било констатирано дека Б.А.Е. (39) од Полска го пречекорила дозволениот туристички престој во Република Македонија од 90 дена во рамките на шестмесечен период. Истата во Република Македонија престојувала 113 дена. Б.А.Е. била лишена од слобода и во 19.00 часот била предадена на инспектори од Регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка.

На 03.05.2017 година во 13.55 часот на ГП Аеродром „Александар Велики“-Скопје, поради пречекорен туристички престој во Република Македонија, од страна на пасошката контрола на ГП „Аеродром“ не бил дозволен излез на Х.Ф.Ј. (27) од САД. Било констатирано дека истиот престојувал подолго од 90 дена во рамките на шестмесечен период, односно истиот остварил влез во Република Македонија на 06.10.2016 година и непрекинато престојувал до 03.05.2017 година во Битола. Со потрвда за привремено одземени предмети, од лицето била одземена патната исправа, а во текот на 04.05.2017 година, со Барање за поведување на прекршочна постапка за сторен прекршок по член 100 став 1 алинеја 6, а казнив по член 153 став 1 точка 6 од Закон за странци, истиот ќе биде изведен пред дежурен судија за прекршоци.

НК КР Кратово поднесе кривична пријава против Х.Ј. (19) од Кратово поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело ,,точење алкохолни пијалоци на дете”. На 01.04.2017 година, во периодот од 21.30 до 23.30 часот, во кафе бар во Кратово пријавениот како келнер послужил две деца со алкохолни пијалоци .

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.Б. (27) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при караница или тепачка”.
На 15.03.2017 година во 15.45 часот на градскиот пазар во Охрид пријавениот започнал жестока вербална расправија со С.Ф. од с.Лескоец, охридско, при што му упатил и сериозни закани. Во еден момент, пријавениот извадил нож и замавнал кон С.Ф., но и кон Е.Ф. од истото село. После тоа, од страна на граѓани, ножот му бил одземен и предаден на полициски службеници.

ПС Кичево поднесе кривична пријава против С.К. (32) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 10.02.2017 година во 23.30 часот во возило, кое го управувал пријавениот, била пронајдена ловна пушка марка „Црвена Застава“ калибар 16 милиметри што недозволена ја поседувал. Пушката, заедно со два ловни патрони со ист калибар, биле пронајдени при заедничка контрола на полициски службеници и  ловочуварската служба од ловното друштво „ЕЛЕН“ од Кичево. Пронајдените предмети биле одземени и доставени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје, каде е констатирано дека оружјето и муницијата се во исправна состојба со кои може да се изврши испалување.