Извадок на дел од дневни настани 03.05.2017

На 02.05.2017 година околу 06.00 часот во Охрид на ул. „Стив Наумов“, во сопствената плевна, З.Ќ. од Охрид затекнал две непознати лица (најверојатно од Сирија) како спијат.  Во тој момент едно од лицата му се заканило со пиштол и со пластични врвки му ги врзале рацете. Откако го заврзале му одзеле приврзок со клучеви, велосипед и еден дуксер, по што побегнале во непознат правец. З.Ќ. бил пронајден во 07.15часот. Истиот не е повреден. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата и за целосно расчистување на случајот.

На 02.05.2017 година околу 17.00 часот во ПС ОН Охрид, Г.М. (31) од Охрид пријавил дека во периодот од 19.00 часот на 01.05.2017 година до 15.00 часот на 02.05.2017 година непознат сторител извршил тешка кражба во неговиот дом. Сторителот влегол внатре и одзел поголема количина на златен накит и околу 9. 000 евра. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Охрид. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 02.05.2017 година околу 08.00 часот во Скопје, во кругот на Клинички центар Скопје, И.М. (40) од Скопје бил физички нападнат од страна на непознато лице. Во  13.30 часот, по сите извршени прегледи, кај истиот биле консртатирани тешки телесни повреди и е задржан на понатамошно лекување во Оддел за неврохирургија. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 02.05.2017 година околу 13.30 часот во Прилеп,  на ул. „Леце Котевски“, во салон за мебел избувнал пожар од засега непознати причини. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Прилеп. Се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарот.

На 03.05.2017 година околу 04.15 часот во Куманово,  на ул. „11-ти Октомври“, од засега непознати причини избувнал пожар во кафе бар при што изгорела летната тераса, а биле зафтени и дел од продавниците кои се наоѓале во близина. Од страна на екипа од Територијалната противпожарна единица Куманово пожарот бил изгаснат, а увид ќе се врши во текот на 03.05.2017 година. 

На 02.05.2017 година во 17.28 часот во ЕИК Скопје началникот на обезбедување на  Собрание на Република Македонија пријавил дека во Собранието, во ходникот на првиот кат е пронајдена импровизирана експлозивна направа (петарда со фитил кој бил залепен со селотејп за плинска боца за полнење на запалки). Од страна на екипа од Одделот за антитероризам, импровизираната направа е подигната од местото за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

На 02.05.2017 година околу 20.00 часот во с.Ропаљце, општина Липково, при семејна расправија,  Л.О.(19) и неговиот 17-годишен брат им нанеле убодни рани на нивните братучеди, нa браќата Х.О.(31) и Х.О.(29). Истите се неконтактибилни и по укажаната медицинска помош во Општата болница Куманово биле префрлени во Клинички центар Скопје. Двајцата напаѓачи биле обезбедени. СВР Куманово презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

На 02.05.2017 година од 16.55 до 20.30 часот во Скопје, Охрид, Куманово, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Битола, Струмица, Велес и Штип во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.        

На 02.05.2017 година околу 10.30 часот во близината на Кожаната во Кичево, во водите на р.Треска, била пронајдена удавена  И.М.(61) од Кичево, која претходно била пријавена за исчезната. Идентитетот го утврдил нејзиниот сопруг. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Кичево телото на починатата е извадено од водите на реката. Со наредба од Јавен обвинител над телото на починатата ќе се врши обдукција.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава против тројца 15-годишници и еден 14-годишник, сите од с.Арачиново, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 29.09.2016 година околу 12.00 часот во населба Автокоманда - Скопје, пријавените физички  нападнале 17 - годишно дете од с.Визбегово, скопско. Истите го удирале со раце и нозе во пределот на телото и главата, при што му нанеле тешка телесна повреда,  а со превземените дејствија пријавените предизвикале чуство на страна и несигурност кај 15 - годишно дете од с.Визбегово и други учесници кое исплашени за нивната сигурност побнегнале од местото на настанот.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.С.Б. (21) и Б.Г. (44), двајцата од Романија, поради постоење основи на сомнение за сторени три кривични дела „измама“ од кои едно во обид. На 24.04.2017 година, на различни локации во Битола, пријавените нуделе на продажба кујнски садови и прибор за јадење, убедувајки две лица на возраст од 86 години дека се позлатени, за што во кутиите имало сертификати. На таков начин успеале од едно од лицата да добијат 450 евра, а од другото лице добиле 100 австралиски долари и 8.000 денари. На 28.04.2017 година пријавените повторно се обиделе да го измамат прво оштетениот, по што тој ги пријавил во СВР Битола. Од страна на Основен Суд Битола на пријавените им е изречена казна три месеци затвор, условно за две години и конфискација на 34.000 денари и 100 австралиски долари.

ПС Струга поднесе кривична пријава против Д.Ш. (38) од с.Радолишта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 07.08.2016 година во Струга, на ул. „Маршал Тито“ бил извршен преглед над пријавениот при што биле пронајдени и одземени 3,53 грама марихуана, 0,5 грама мешавина од тутун и марихуана, 20 таблети со активна компонента бромазепам - медикамент од групата на бензодиазепини и нож на расклопување со сечило од 9 см. Пријавениот, марихуаната ја набавил за цена од 1.000 денари од лице од Р.Албанија. 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.Д. (32) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено призводство и пуштање во промет наркотички дроги,психотропни супстанци и прекурсори“. На 03.08.2016 година пријавениот, од лице од Скопје, по претходен договор, без паричен надомест неовластено набавил и држел кај себе две полиетиленски кесички со непозната растителна материја.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Н.А. (42) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 21.11.2015 година на Аеродром „Алексадар Велики“-Скопје, со воздухоплов на компанијата „Туркиш Ерлајнс“ за Истанбул, Република Турција се пријавила да патува пријавената. При извршената контрола на багажот од страна на рентген оператор откриени биле осум куршуми калибар 9 мм  кои биле сопственост на пријавената.

ПС Струга поднесе  кривична пријава против  Џ.Д. (69) и  Л.М. (40), двајцата од село Радолишта, струшко, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување туѓи предмети“. На 12.12.2016 година во с.Радолишта пријавените вршеле ископ со механизација поради тампонирање на постојниот локален пат од село Радолишта до магистралниот пат Струга-Ќафасан. Притоа, со ископот неовластено било опфатено и местото северно од „Ранохристијанска базилика“, односно неистражен дел, кој претставува споменик на културата и за кого надлежен бил Завод и музеј Охрид.