Извадок од дневните настани 26.04.2017

 На 25.04.2017 година во 17.00 часот во ЕИК Скопје, Љ.Д. пријавил дека на ул. „Сава Ковачевиќ“, во објект во изградба, има починато лице. Се работи за Г.Б. (27) од Скопје. Смрт е констатирана од екипа на Итна медицинска помош.           Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција.

 
На 25.04.2017 година во 08.53 часот во ЕИК Скопје, З.Г. (49)  од Скопје, вработен во ЕВН, пријавил дека во подземна вклучена 10КВ трафостаница на ЕВН Македонија, лоцирана во непосредна близина на Македонска опера и балет, пронашол безживотно тело на непознато машко лице. Екипа на Итна медицинска помош констатирала смрт, а увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител телото на починатото лице е предадено во Институтот за судска медицина и криминалистика за обдукција. Се преземаат мерки  за утврдување на идентитетот на починатиот и за целосно расчистување на случајот.

 
На 25.04.2017 година од 17.10 до 20.45 часот во Скопје, Охрид, Кочани, Куманово, Прилеп, Штип, Кичево, Кавадарци, Неготино, Битола, Струмица, Гевгелија, Велес, Свети Николе, Виница, Делчево, Пехчево, Македонски Брод, Крива Паланка и Валандово  во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.                                           

 
На 25.04.2017 година во 08.30 часот во ЕИК Скопје, од страна на Бригадата за противпожарна заштита било пријавено дека на ул. „Никола Карев“’, поточно на  паркингот на Меѓуградска Автобуска Станица-Скопје, имало опожарено ПМВ „БМВ“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Ј.З., а паркирано од С.З. (36) од Скопје. Истата, откако се паркирала забележала дека од кај моторот почнало да излегува чад, по што ја известила противпожарната бригада. Од страна на противпожарната единица пожарот е изгаснат. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

 
На 26.04.2017 година во 00.55 часот во ЕИК Скопје, граѓанин пријавил дека на ул. „Натанаил Кучевишки“ има опожарено возило.  Опожарено било ПМВ „Ауди А8“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.К. (50) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Увид ќе се врши во текот на денот.

 
ПС Дебар поднесе кривична пријава против С.Н. (53) од Скопје и И.И. (59) од с.Голем Папрадник, општина Центар Жупа поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. На 03.02.2017 година, пријавените во Скопје во оптек пуштиле фалсификувана банкнота од 1000 денари. Сметајќи дека е оштетена, С.Н. му ја предал банкнотата од 1000 денари на И.И., кој пак се упатил во Народна банка каде сакал да ја замени. Тука било утврдено дека банкнотата е фалсификат, по што од овластени лица била одземена.       

 
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.Ј.(33) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Пријавениот  го сторил кривичното дело на 23.01.2017 година во куќа на ул. „Момчило Јорданоски“ во Охрид. Пријавениот со подесен алат и со употреба на физичка сила ја отворил влезната врата, влегол внатре и од дневната соба одзел два саксофони и еден кларинет. На тој начин пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 150.000 денари.

 
ПС Гостивар поднесе кривична пријава против А.С. (57) и Б.С. (33) двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение дека првопријавениот извршил две кривични дела „убиство во обид“ при семејно насилство и „недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“,  додека второпријавениот извршил три кривични дела „телесна повреда“ при семејно насилство, „загрозување на сигурноста“ при семејно насилство и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“.  На 24.04.2017 година во семејна куќа во  Гостивар, сопственост на А.С., настанала  вербална расправија помеѓу него и неговиот син Б.С. поради нарушени семејни односи. Во расправијата Б.С. физички го нападнал А.С. задавајќи му повеќе удари со тупаници, а потоа зел секира со намера да го повреди својот татко, при што истиот бил спречен во намерата од страна на неговиот брат. Во тој момент првопријавениот А.С. со пиштол, кој го поседувал без одобрение, испукал во правец на второпријавениот Б.С., при што го погодил во пределот на левата рака.

 
СВР  Скопје поднесе кривична пријава против Б.О. (22) и А.Е. (26), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 14.02.2017 година околу 21.10 часот пријавените на ул.„Лондонска“ од 14-годишно дете, со закана со нож, одзеле мобилен телефон и 140 денари со што се стекнале со противправна имотна корист од 10.000 денари.

 
СВР  Штип поднесе кривична пријава против Т.М.Л. (63), државјанин на Кралство Холандија и А.К.О., државјанин на Јужна Африка, поради постоење основи на сомнение дека сториле   кривично дело „ оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Пријавените  од 10.05. до 11.05.2016 година, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, неовластено навлегле во компјутерски систем, односно во е-маил комуникација помеѓу правно лице од Штип и нивниот деловен партнер - правен субјект од Холандија. На 10.05.2016 година пријавените го измениле е-маилот на холандската фирма, поточно банкарските податоци во доставената документација, и штипското правно лице извршило уплата од 18.000 евра на сметката на прво и второпријавените. На овој начин пријавените се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 18.000  евра или 1.098.000 денари на штета на правното лице од Штип. 

 
ПС Македонски Брод поднесе кривична пријава против Г.М. (57) од Македонски Брод, професор во СОУ ,,Св.Наум Охридски во Македонски Брод, Н.Б. (46) од с.Пласница и И.Б. (59) од с.Дебреште поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело ,,злоупотреба на службената положба и овластување“.  Во периодот од 2012/2013 учебна година до 2015/2016 учебна година Г.М. ја злоупотребил својата службена положба и овластување  на тој начин што дозволил автопревозниците „Нуре Транс“ од с.Пласница и „Травај Турс“ од с.Дебреште за извршени превозни услуги на ученици да достават фактури и од буџетот на училиштето да  бидат исплатени фактури со поголема вредност од стварно настанатата во износ од 1.064.847 денари, а на штета на Буџетот на Република Македонија.

 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.К. (43) од Штип, Извршител  на подрачје на Основен суд Куманово, Крива Паланка и Кратово со седиште во Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.  Пријавената во повеќе наврати ја злоупотребила својата службена положба, на тој начин што при спроведување на извршување, постапувајки по извршен предмет во две спротивни постапки за продажба на недвижен имот – деловни простории, две ниви и градежно изградено земјиште со вкупна вредност од 6.525.533 денари, иако вредноста на извршувањето изнесувала 2.456.000 денари, пријавената го ставила на продажба целиот имот. На овој начин го игнорирала Договорот за закуп на еден дел од недвижниот имот заверен со нотарски акт, кој должникот, како сопственик на целиот недвижен имот, го дал под закуп во период од шест години на правно лице од с.Слупчане. При спроведување на извршувањето пријавената постапила спротивно на одредбите, односно не ги  доставила списите од извршниот предмет до должникот, кој бил на привремена работа во странство, до плодоуживателот во постапката и до ополномоштениот адвокат. Во двете спроведени постапки на извршување Заклучокот го објавила во дневен печат, а не во Службен весник, со цел должникот да не биде запознаен со постапката.

 
СВР Струмица поднесе кривична пријава против С.А. (22) од Струмица поради постоење основи на сомнение  за сторено кривично дело „даночно затајување“. Во 2014 година пријавениот се занимавал со т.н. „блогерство“, при што остварил приходи кои ги примил преку брз трансфер на пари во висина од 1.340.324 денари. Пријавениот, со намера да одбегне целосно или делумно плаќање на данок, не ги пријавил остварените приходи со задолжителна годишна пријава во Управата за Јавни приходи на Република Македонија, со што извршил затајување на данок во висина од 134.032 денари, а на штета на Буџетот на Република Македонија.

 
СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.Ш. (34) од Штип  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Во јули 2015 година пријавениот, преку креиран лажен профил на социјалната мрежа „Фејсбук“,  побарал од малолетно девојче да му испрати фотографии со интимна содржина. Откако девојчето му испратила фотографии, истиот ги дистрибуирал и ги направил достапни до трети лица.

 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против М.Д. (42) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,насилство”. На 06.04.2017 година околу 00.45 часот, во ресторан во Куманово, М.Д. без повод и причина вербално се расправал со В.А. од Куманово, на кој му упатил вулгарни зборови, по што физички го нападнал, удирајќи го со тупаници во пределот на главата, при што му нанел телесна повреда, односно контузија на долната уста на оштетениот. Од страна на присутните гости истите биле разделени, а М.Д. ја загрозил сигурноста и со тоа во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.

 
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ф.Л. (49) и М.Л. (20), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,насилство”. На 05.04.2017 година околу 04.50 часот, во Ургентен центар во Куманово, пријавените грубо го навредувале и малтретирале дежурниот лекар барајќи лекарски преглед на пациентка, која одбивала да прими инекција за болки пред да биде прегледана. Пријавените започнале вербална расправија со дежурниот лекар, во присуство на уште две медицински сестри, по што Ф.Л. со тупаница ја удрил по главата во предел на слепоочница нанесувајќи и телесна повреда и ја навредувал со разни вулгарни зборови, упатувајќи и закани по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство. Во исто време М.Л.  го превртел бирото пред кое седела докторката, при што се скршило и стаклото од бирото.