Извадок од дневните настани 25.04.2017

На ден 24.04.2017 година во 21.15 часот во ПС Штип дошол вработен во продавница на СЕТ-Унион ДОО-Штип и пријавил дека истиот ден околу 20.10 часот, додека бил на работа во продавницата, непознат сторител извршил разбојничка кражба. Сторителот влегол, се доближил до касата, каде што била друга вработена, ја отворил касата и одзел 4.000 денари. После тоа сторителот се упатил кон излезот од продавницата, ја подигнал раката во која држел нож и го насочил кон пријавителот и без да каже ништо, побегнал во непознат правец. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 24.04.2017 година околу 09.00 часот во Гостивар, во дворот од семејната куќа на А.С. (57),  дошло до расправија помеѓу него и неговиот син  Б.С. (33). Во еден момент Б.С. физички го нападнал татко си , удирајќи  го со тупаници во пределот на главата и телото,  при што му нанел телесни повреди и притоа му упатил сериозна закана дека ќе нападне врз неговиот живот и тело. Потоа земал секира со намера да го нападне, но бил спречен од  неговиот брат Р.С., кој успеал да го изнесе надвор од дворот, каде почнал со секирата да удира во железната врата. Тогаш А.С. со пиштол, кој го поседувал без одобрение, истрелал еден куршум и го погодил Б.С. во левата рака, нанесувајќи му влезно-излезна во пределот на надлактицата. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС ОН Гостивар. Од слобода се лишени горенаведените лица, а со Потврда за привремено одземени предмети одземен е пиштолот. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 24.04.2017 година во 20.40 часот од МЦ Гостивар се јавиле во ПС Гостивар и пријавиле дека кај нив за преглед се јавило 16-годишно девојче од гостиварско село и им кажала дека била противправно лишена од слобода. Имено, по извршениот разговор во присуство на работник од Центарот за социјални работи, девојчето изјавило дека истиот ден околу 17.00 часот на враќање од продавница, во близина на нејзината куќа, застанало ПМВ во кое имало три непознати лица, од кои еден на сила ја внел во возилото. По кажување на истата, со возилото се возеле околу 20 минути во непознат правец, по што влегле во напуштена хала, од каде околу 19.00 часот ја вратиле дома. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 24.04.2017 година од 14.40 до 15.15 часот, по наредба од Судија на претходна постапка, од страна на полициски службеници од НК КР Гостивар извршен бил претрес во дом и други простории во куќата сопственост на К.Н. во Гостивар. При претресот биле пронајдени, и со потврда одземени за понатамошна постапка, една бела најлонска кеса со непозната тревкаста материја, една торба во која имало два лап-топ компјутери и полначи за истите, за кои постоои сомнение дека потекнуваат од кривично дело „тешка кражба“. СВР Тетово презема мерки и активност за целосно расчистување на случајот.

На 24.04.2017 година од 17.20 до 20.30 часот во Скопје, Охрид, Кочани, Куманово, Прилеп, Штип, Кичево, Кавадарци, Неготино, Битола, Струмица, Пробиштип, с.Конче-Радовиш, Гевгелија, Велес, Крушево и Демир Хисар во организација на граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“ се одржале протестни маршеви. Граѓаните кои се собрале се движеле низ улиците во наведените градови. За време на собирите немало нарушувања на Јавниот ред и мир.                                    

На 23.04.2017 година во 08.50 часот во ПС Гостивар, М.З. (36) од с.Вруток, вработен во Исламската верска заедница Гостивар,  пријавил дека од страна на непознати сторители на метален електричен ормар до оградата на „Саат Џамија“ во Гостивар со спреј црвена боја испишани биле два графита во вид на крстови. Увид на местото на настанот извршила екипа од ПС Гостивар. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите  и за целосно расчистување на случајот.

На 24.04.2017 годинa во 11.00 часот на автопатот Скопје – Велес, на наплатна станица „Отовица“, се случила сообраќајна незгода во која учествувале оклопен транспортер БТР со ознаки на АРМ, управувано од И.Н. (36) од Кочани, оклопен транспортер БТР со ознаки АРМ, управувано од И.Т.(37) од с.Плешанци, пробиштипско и СВВ Дефендер со ознаки на АРМ, управувано од Д.А.(32) од  с.Кадино, скопско. По незгодата со возило на воена полиција, сопатниците на горенаведените возила, З.М. (38) од с.Волково, скопско, Г.Д. (41)  од с.Облешево, кочанско, Д.М. (31) од Тетово и Р.Д. (30) од с.Љубодраг, кумановско, се пренесени во Здравствена установа Велес, каде им биле констатирани телесни повреди. По укажаната лекарска помош истите се пуштени на домашно лекување. Увид на лице место извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Скопје.  

СВР  Куманово поднесе кривична пријава против И.С. (32) и Д.А. (47), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 18.02.2017 година во с.Проевце, кумановско, пријавените ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство над М.Б. (27). Пријавените го удирале со тупаници во пределот на главата и со клоци во пределот на стомакот, при што му нанеле телесни повреди, а со тоа во јавноста предизвикале чувство на загрозување, страв и несигурност.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Н.С. (37) од Куманово и едно непознато лице поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,разбојништво”. На 30.03.2017 година околу 04.30 часот, на ул. ,,Доско Молер” во Куманово, Н.С. заедно со непознатото лице ја пресретнале Е.П. (37) од Куманово, физички ја нападнале и притоа и одзеле златен ланец со привезок златен крст, како и две златни обетки.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.И. (26) од с.Кондово, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторени пет кривични дела „тешка кражба“. Во текот на декември 2016 година пријавениот ги извршил тешките кражби претежно во угостителски објекти и кладилници лоцирани во тетовско подрачје.  Пријавениот насилно ги отворал влезните врати од објектите, од каде одзел шест телевизори и парични средства во разни апоени. Со сторените кривични дела предизвикал материјална штета во висина од 94.000 денари.  По наредба на Основен Суд Скопје 1 Скопје извршен бил претрес во дом и помошни простории во куќата на пријавениот при што биле пронајдени два телевизори кои, со потврда за привремено одземени предмети, се одземени и му се вратени на едно од оштетените лица.

СВР Штип поднесе кривична пријава против С.Ф. (51) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично  дело „тешка кражба“  и против Т.З. (39) од Штип  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“. На 21.02.2017 година, во периодот од 01.30 до 05.15 часот во бутик за спортска облека во Штип, С.Ф. со употреба на сила и подесен алат насилно ја отворил влезната врата од каде одзел 23 комплети тренерки, ранец и спортска  торбица со  што причинил материјална штета од 115.580 денари. Т.З.  му помогнал на  С.Ф. на начин што  на користење му дал една од неговите соби и тој лично на повеќе лица ги продал предметите  набавени  со кривичното дело.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.Р. (34)  од с.Лескоец,  охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,фалсификување пари”. На 14.02.2017 година во продавница во Охрид  пријавениот пуштил во оптек фалсификувана банкнота од 1000 денари. Од страна на вработените во продавницата било забележано дека банкнотата е лажна, а настанот телефонски го пријавиле во СВР Охрид, по што пријавеното лице е приведено за понатамошна постапка. Банкнотата е испратена до Народна банка на Република Македонија за вештачење,  каде е констатирано дека истата е фалсификат.

ПС Берово поднесе кривична пријава против Правното лице - Друштво за производство, инжинеринг, услуга и трговија „Конструктор Рената и др.“ ДОО Скопје и одговорното лице Р.И.(58) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „уништување или оштетување јавни инсталации“. Во периодот од декември 2016 до април 2017 година,  во повеќе наврати, пријавеното правно и одговорно лице, при изведување на градежни работи за поставување на канализациона инсталација во с.Смојмирово, ги оштетиле инсталациите на системите за врски во сопственост на „Македонски телеком“ АД Скопје и со таквото дејствие повеќекратно предизвикале значително нарушување на редовниот живот на граѓаните, отежнато користење и неможност за користење на телекомуникациската мрежа и инфраструктура.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.Ч. (45)  од с. Пирава, валандовско, управител на Друштво за такси превоз, трговија и услуги “Софи Експрес ДООЕЛ експорт-импорт“ од с. Пирава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. Пријавениот во три наврати извршил превоз на мигранти во внатрешниот патен сообраќај на релација Гевгелија – граничен премин Табановце со автобус марка „Ивеко“, сопственост на правното лице, без да поседува извод од лиценца за вршење на јавен превоз.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Љ.Т. (41)  од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсорси”. На  12.10.2016 година во Охрид  извршен бил претрес во дом и помошни простории каде што живее пријавениот и притоа биле пронајдени и одземени едно растение „Канабис“ со корен, засадено во саксија, три скршени делови од стебло „Канабис“ засадено во саксија, седум  листови од растение „Канабис“ и 0,37 грама марихуана.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.Б. (18) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”. На 27.06.2016 година во 23.00 часот во Охрид, пред влезот на зграда, бил забележан пријавениот како од тревнатиот дел вади најлонска кеса. По преземени мерки за преглед над Х.Б., истиот во непосредна близина исфрлил најлонска кеса со  55,80 грама марихуана.

ПС Струга поднесе кривична пријава против Б.П. (27) од с. Добовјани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 18.01.2017 година во 22.30 часот во Струга, од страна на полициски службеници извршена е контрола на патничко возило управувано од пријавениот. При извршен преглед над пријавениот пронајдени и одземени се 0,33 грама марихуана и 0,45 грама мешавина од тутун и марихуана.
СВР Велес поднесе кривична пријава против Ф.Е. (24) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.  На 21.04.2017 година околу 23.30 часот во Велес, од страна на полициски службеници, извршен е личен преглед над пријавениот, при што се пронајдени  94,9 грама марихуана и  5 грама хероин.  Од извршениот разговор со пријавениот  дојдено е до сознание  дека истиот ден сторил кривично дело „тешка кражба“ во куќа во Велес, од каде украл златен накит и пет златни лири, по што со такси возило се упатил кон село Арачиново, скопско, од каде ја набавил наркотичната дрога.