Извадок од дневните настани 24.04.2017

На 23.04.2017 година околу 21.00 часот во Скопје на ул. „Петар Манџуков“, во спортска обложувалница непознат маскиран сторител извршил разбојништво над вработениот. Сторителот со закана со пиштол од вработениот одзел 46.670 денари, по што побегнал во непознат правец.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

На 24.04.2017 година околу 01.50 часот во Пробиштип, во млечен ресторан на ул. „Христијан Тодоровски Карпош“, Г.С. (49) од Пробиштип, вооружен со ловџиска пушка и ловечки нож, во видно алкохолизирана состојба почнал да упатува закани по животот и телото на вработената Л.М. Од страна на полициски службеници истиот е приведен и задржан во ПС Пробиштип за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
    
На 23.04.2017 година во 22.42 часот во ЕИК Скопје, од Градска општа болница „8-ми Септември“, било пријавено дека кај нив било донесено повредено лицето М.Ц. (35) од с.Визбегово, скопско, со три убодни рани од нож и фрактура на рака. Истиот бил нападнат од неговиот брат, а нападот се случил во нивниот дом. Повредениот е вон животна опасност. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

На 24.04.2017 година во 04.45 часот во ПС Драчево, Б.И. (74) од Скопје пријавил дека на 23.04.2017 година во 06.30 часот од дома во непознат правец се оддалечил неговиот син  И.П. (43). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
    
На 23.04.2017 година во периодот од 21.00 до 22.45 часот на регионалниот пат Кратово-Пробиштип, поради случена сообраќајна незгода, сообраќајот бил во прекин во двете насоки. По завршување на увидот сообраќајот е нормализиран.

На 23.04.2017 година во 08.10 часот на автопатот Скопје-Тетово, спроти с.Буковиќ, ПМВ „БМВ Х5“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Д. (40) од Тетово, излетало од коловозот и удрило во заштитната жичана ограда, при што А.Д. починал на самото место. Смртта ја констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Е. (18), Џ.С. (18), еден 16-годишник, сите од с.Шишево, 16-годишник  од с. Сарај,  13-годишник од Скопје, 14-годишник од с. Грчец и 13-годишник  од с. Сарај поради постоење основи на сомнение дека А.Е. извршил кривично дело „убиство“, а другите пријавени извршиле кривично дело „учество во тепачка“. На 15.04.2017 година околу 15.00 часот пред браната-Долна Матка настанала меѓусебна вербална расправија помеѓу А.Е., Џ.С. и 16-годишникот од с.Шишево од една страна и останатите пријавени од друга страна.  По  кусо време расправијата прераснала во тепачка во која А.Е.  со нож му нанел еден убод во пределот на градите на 17-годишник од с.Сарај од кој починал на местото на настанот, додека на неговиот брат со нож му нанел површинска расекотина во пределот на градите. Од страна на Судија на претходна постапка на А.Е. му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на другите пријавени им е изречена мерка претпазливост.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против П.А. (50) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривично дело „убиство во обид“. Во периодот од март до април 2017 година пријавениот секојдневно психички и физички ја малтретирал неговата 79-годишна мајка со која заедно живееле.  На 11.04.2017 година П.А. со употреба на физичка сила и вжештена маша и нанел повеќе удари по главата и телото од кои оштетената паднала во бесознание и во критична состојба била пренесена во болница. Од страна на Судија на претходна постапка на П.А. му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против В.С. (29) од Тетово  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 07.03.2017 година околу 03.30 часот на ул. „Видое Смилевски Бато“ во Тетово пријавениот опожарил ПМВ „Фолксваген“ сопственост на К.С. (34) од Тетово. Додека возилото било паркирано, пријавениот  со мала плинска боца го запалил десното тркало од истото, по што пожарот се проширил и на задните седишта, но по кратко време бил локализиран од страна на екипа од Противпожарната единица Тетово. Како причина за опожарување на возилото се наведуваат претходни недоразбирања и расправии помеѓу пријавениот  и оштетениот.

ПС Дебар поднесе кривична пријава  против Д.Д. (69)  од с. Голем Папрадник, општина Центар Жупа, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,предизвикување општа опасност“. На 11.04.2017 година, по претходно добиено писмено известување од „ЕВН Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје, КЕЦ Струга за нарушена стабилност на бетонски електрични столбови од вршен ископ на патот за Центар Жупа, извршен е увид на местото на настанот при што констатирано е дека кај местото викано „Парешки Кории“, во близина на с.Баланци, пријавениот извршил ископ околу два бетонски столбови за пренос на електрична енергија од  далековод, преку кој со електрична енергија се напојуваат неколку села на регионот на општината Центар Жупа, самата општина и некои индустриски капацитети кои гравитираат на тоа подрачје, така што со ископот околу бетонските столбови била нарушена стабилноста на столбовите,  а со тоа во иднина би можело да се наруши и нормалното снабдување со електрична енергија на крајните потрошувачи.    

ПС Гостивар поднесе кривична пријава против С.И. (20) од с.Ѓурѓевиште, гостиварско, поради постоење основи на сомнение дека извршил две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“. На 20.03.2017 година околу 14.15 часот во Гостивар, на ул. „Живко Брајкоски“, полициски службеници забележале паркирано возило „Опел Корса“, управувано од пријавениот. Во возилото, освен пријавениот,  затекнати биле лицата Е.А. од с.Добридол и М.И. од с.Чегране. Извршен бил преглед во возилото при што била пронајдена 0,80 грама марихуана, додека при личен претрес на М.И. пронајдено било една пакување со непозната растителна материја. Извршен бил претрес во дом и други помошни простори каде што живее пријавениот при што била пронајдена една дрвена кутија со пиштол  „Б.Бернандели“ калибар 7,65мм со еден рамка со седум куршуми во истиот, еден пиштол-марка „Екол“ калибар 8мм со рамка без куршуми и со футрола, еден пиштол-марка „Екол-Дицле“ со рамка без куршуми, за кои не поседувал дозвола за носење и чување. Според кажување на пријавениот, во текот на Септември 2016 година во Тетово од непознато лице за сума од 400 евра набавил, односно ги купил горе наведените оружја.

СВР Велес поднесе кривична пријава против М.К. (33) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 09.02.2017 година на автобуската станица во Велес,  во автобус кој сообраќал на релација Штип- Скопје, извршено е легитимирање и личен преглед на пријавениот, при што била пронајдена 4,50 грама марихуана и 0,33 грама мешавина од тутун и марихуана. Пријавениот наркотичната дрога ја купил за лична употреба претходниот ден во Скопје од непознато лице за сума од 500 денари.  
 
ПС Прилеп поднесе кривична пријава против С.В. (26)  и Х.В. (29),  двајцата од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“ На 03.11.2016 година извршен бил претрес во дом и други простории кај пријавените лица и претрес во викендица лоцирана во близина на с.Коњари, при што била пронајдена целофанска кесичка со 1,17 грама марихуана. Од извршениот разговор е дознаено дека пријавените претходно набавиле марихуана која подоцна ја овозможувале на уживање на  М.А. и  Д.М. во викендицата, во која често се собирале.   
 
ПС Струга поднесе кривична  пријава против Д.С. (56) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“.  Пријавениот, казненото дело го сторил во текот на 2014 и 2015 година во својство на претседател на Заедница на сопственици на апартмански комплекс „Еуротел“ во Струга. Тој, бесправно за себе присвоил парични средства кои му биле  доверени по основ за гориво, телефонски сметки, храна и слично,  со што ја оштетил заедницата и се стекнал со противправна имотна корист од вкупно 563.070 денари.