Измени и дополнувања во законот за безбедност во патниот сообраќај

 ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ

на член 234 од ЗБСП со последните измени и дополнувања на ЗБСП

 

 

 

Член 234

(1) Возачот не смее да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е под дејство на алкохол.

(2) Ќе се смета дека е под дејство на алкохол лицето за кое со анализа на крвта или на крвта и урината или со друг метод за мерење на количеството на алкохол во организмот, ќе се утврди дека содржината на алкохолот во крвта изнесува повеќе од 0,50 г/кг или ако присуството на алкохол во организмот е утврдено со соодветни средства или со апарати за мерење на алкохолизираноста (алкометар и друго), што одговара на количества поголеми од 0,50 г/кг или кај кое без оглед на содржината на алкохол во крвта, со стручен преглед, ќе се утврди дека покажува знаци на алкохолна растроеност.

(3) Не смее да управува со возило, да започне управување со возило, ниту да спроведува практичен дел на возачки испит, ако во организмот има алкохол или ако покажува знаци на алкохолна растроеност:

- возач-почетник согласно со одредбите на овој закон,

- возачот на моторно возило од категориите "Б+Е", "Ц", "Ц+Е" и "Д" и "Д+Е" или од поткатегориите "Ц1", "Ц1+Е", "Д1" и "Д1+Е" – додека управува со возило од таа категорија,

- возачот на возило со кое се врши јавен превоз - додека со тоа возило врши јавен превоз,

- возачот на возило на кого управувањето со возило му е основно занимање – додека управува со возилото вршејќи ги работите од ова занимање,

- возачот инструктор и кандидатот за возач - за време на оспособување во практичното управување со возило и

- претседателот и членовите на испитната комисија – додека спроведуваат практичен дел на возачкиот испит.

(4) На правното лицe кое ќе нареди или дозволи управување со возило спротивно на одредбите од ставовите (1) и (3) на овој член ќе му се изрече глоба во износ од 520 до 1.350 евра во денарска противвредност.

(5) За прекршокот од ставот (4) на овој член глоба во износ од 330 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лицe во правното лице.

(6) Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите (1) и (3) на овој член, кај кој  ќе се утврди содржината на алкохол во крвта од 0,51г/кг до 0,99 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 3 до 6 месецa, под услови и  начин утврдени со закон.

(7) Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите (1) и (3) на овој член, кај кој  ќе се утврди содржината на алкохол во крвта од 1,00 г/кг до 1,49 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 6 до 9 месецa, под услови и  начин утврдени со закон.

(8) Глоба во износ од 350 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите (1) и (3) на овој член, кај кој  ќе се утврди содржината на алкохол во крвта од 1,50 г/кг до 1,99 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 9 до 12 месецa, под услови и на начин утврдени со закон.

(9) Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите (1) и (3) на овој член, кај кој  ќе се утврди содржината на алкохол во крвта од 2,00 г/кг и повеќе. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 12 месецa, под услови и начин утврдени со закон.

(10) Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач кој постапува спротивно на одредбата од став (3) на овој член, кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 0,10 г/кг до 0,50 г/кг. Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 3 месеци, под услов и начин утврдени со закон.

(11) Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач кој постапува спротивно на одредбите од ставовите (1), (2) и (3) на овој член, каде при утврдување на присуство на алкохол во организмот одбие да биде алкотестиран со соодветно средство или апарат за мерење на алкохолизираноста (алкомер). Покрај утврдениот износ на глоба, на возачот ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од 12 месеци, под услов и начин утврдени со закон.

Поврзани вести