Анализа за состојбите со криумчарењето со акцисни и друг вид стоки

Министерството за внатрешни работи во првите шест месеци од оваа година, презеде значајни активности во областа  на криумчарење со акцизни и друг вид стоки, кои резултираа со сузбивање на три организирани криминални групи за криумчарење со цигари, добиток и текстил. Во овој период беа откриени вкупно 24 кривични дела ( 23 кривични дела се за „криумчарење„ по член 278 и едно дело „прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама„ по член 278-б од Кривичниот законик на Република Македонија), при што мерки на кривичен прогон се преземени против 57 сторители. Инаку, за пет кривични дела се поднесени кривични пријави против непознат сторител.

 

  

Во рамките на откриените кривични дела беше запленета разновидна стока и тоа: 2.955,9штеки цигари, 240 пакувања лекови, 2.569 парчиња текстил, 14 грла добиток, три мобилни телефони, ајпад, лаптоп, 98 садници, 17.750 обувки, 4.000 парчиња холахопки, четири патнички и едно товарно возило, трактор, 75 килограми кашкавал, 415,5 литри вино, 28 килограми кечап, 96 килограми восок, делови за возила и др. Во овој период бележиме зголемување на запленетите штеки цигари споредбено со истиот период од минатата година кога беа запленети 755 штеки цигари, а за обележување беа и запленетите грла добиток. Во однос на запленетите парчиња  текстилната стока компаративно со минатата година, кога беа запленети 6.854 парчиња, бележиме намалување од 60%.

Криумчарење

Во овој период беа реализирани пет случаи на криумчарење грла добиток, а во рамки на еден од случаите беше сузбиена и криминална група. Во сите случаи се работи за грла добиток купени на сточните пазари во Р. Македонија, а биле наменети за сточните пазари во РАлбанија и Косово. Инаку, три од случаите се реализирани во близина награничната линија со Косово и тоа кај с.Јажинце и во близина на  ГП Рогачево, а во два криумчарењето се вршело во близина на ГП Стење и тоа на зелената линија со македонско-албанската граница.

Потоа, беа реализирани три случаи во кои предмет на криумчарење беа цигарите, во рамките на кои беше сузбиена и организирана криминална група. Случаите беа реализирани на ГП Богородицаво близина на во близина на државната граница на РМакедонија со РБугарија, како и во с.Брест Скопско и тоа при извршен претрес на возила,  а во еден од случаите цигарите биле прикриени во товарно возило, во посебно направен бункер во кровниот дел од возилото.

Исто така и текстилот беше пронајден во три случаи, од кои два случаи беа реализирани на подрачјето на с.Спас-Дебарско и тоа при претрес на патничко возило и претрес во дом. Во третиот случај во кој е сузбиена е и криминална група криумчарењето на тесктилот се вршело од РБугарија во РМакедонија и тоа преку ГП Ново Село. Останатите акцизни стоки беа запленети во по еден случај.

 

Криминални групи.

Како резултат на успешни полициски акции беа сузбиени и три организирани криминални групи за криумчарење добиток, акцизна стока-цигари и текстил во кои дејствувале 34 сторители. Првата криминална група  во која дејствувале 14 лица меѓу кои и седум царински службеници од ГП Ново Село прокримчарила тестилна стока во вредност од еден милион денари. Членови на групата текстилна стока ја набавувале од РБугарија и РГрција, по што ја оставале на претходно договорено место во овие две земји, од каде подоцна ја транспортирале во РМакедонија. Транспортот го врешеле преку ГП Ново Село, секогаш кога на должност биле царинските службеници-членови на криминалната група, кои не вршеле  преглед на возилата и трговската стока, а со цел да бидат избегнати царинските давачки.

Втората криминална група во која дејствувале 13 лица (тројца државјани на РАлбанија, тројца македонски државјани и седум лица со двојно државјанство), подолг временски период била инволвирана во организирање на криумчарење и транспорт на жив добиток од РМакедонија во РАлбанија. Оваа криминална група прокриумчарила околу 296 грла жив добиток при што членовите се стекнале со материјална имотна  корист од  315.613 евра. Во групата бил инволвиран и вработен полициски службеник во ПС за ГП Стење кој им овозможувал непречено пренесување-транспорт, криумчарење на добитокот од Р.Македонија во Р.Албанија. При извршените претреси во домовите, пронајдени и одземени се: пет грла добиток, едно товарно моторно возило, 6.750 евра, 7.000 леки, два револвера, две ловни пушки со кал.12 мм, осум со куршуми кал.7.9мм, пет куршуми со кал.8х57, како и девет телефонски апарати и 10 сим картици.

 

Последната криминална група во која дејствувале седум членови била инволвирана во криумчарње на цигари, а била сузбиена како резултат на добиени оперативни информации од РЦ Исток. Во периодот од 2012 до 2014 година тројца од пријавените организирале криминална група, која во договор со бугарски државјани, користејќи легални и „диви премини“ кон Р.Бугарија, организирале пет транспорти и притоа  прокриумчариле вкупно 34.450 кутии цигари стекнувајќи противправна имотна корист во вкупен износ од 5.300.000,00 денари. Случајот е реализиран во близина на државната граница на РМакедонија со РБугарија, при што во патничко возило се пронајдени 12.980 кутии цигари „Јорк“ со бандерола и 6.500 кутии цигари „мерлин слимс“ без бандерола, а по извршени претреси во домови се запленети уште 750 кутии „мерлин“ и  40 кутии „ЛД“.

Начин

Според местото на заплена, најголем број од случаите се реализирани во близина на граничната линија со соседните држави Косово, РБугарија и РГрција. Во однос на начинот, акцизната стока е запленета  при извршени прегледи на патнички возила, претреси во домови или извршен претрес на терен.

 

Сторители на кривични дела

Кривичните дела се извршени од 57 сторители, од кои 49 македонски државјани и осум странци ( по еден државјанин на Косово, РСрбија и РБугарија, како и пет државјани на РАлбанија) Инаку, 56 од сторителите се од машки пол, а на 16 од нив од страна на судија им е одредена мерка притвор. Што се однесува до возраста, 24 лица се над 40 годишна возраст, потоа 22 се на возраст од 26-30 години, а 11 се на возраст од 18 до 25 години. Оваа полугодие во незаконски активности за криумчарење со акцизна стока беа инволвирани седум царински службеници од ГП Ново Село и еден полициски службеник од ПС за ГП Стење.

 

Поврзани вести